Финансиската и енергетската стабилност како приоритет − средба на министерката Божиновска со гувернерот Славески

На работната средба на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се разговараше за сегашните енергетски проекти и нивното финансиско влијание врз компаниите и економијата.

Во фокусот на разговорот беше влијанието на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, коишто носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и за целокупната економија. Беше нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и за да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.

Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласија дека финансискиот сектор е главен поддржувач на преминот кон поголема енергетска одржливост, па оттука и соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за носењето мерки коишто ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на светски економски предизвици.

На средбата беше истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од огромно значење за зајакнување на финансиската независност на земјава и за обезбедување енергетска стабилност којашто ќе ги штити интересите на граѓаните и на компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата на надворешни економски шокови.

Во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста и за да се обезбедат ефективни решенија коишто ќе ги поддржат компаниите во процесот на приспособување, како и стабилноста на националната економија.