Финансиските директори во земјава очекуваа поголема невработеност годинава

36

Вкупно 57% од финансиските директори во Северна Македонија очекуваат раст на стапката на невработеност и сметаат дека годината која е пред нас не е вистинско време за преземање поголеми ризици, 14% се оптимисти во однос на финансиските изгледи во 2021-ва, а 57% не очекуваат големи промени. Исто така, 57% од финансиските директори предвидуваат раст на БДП помал од 0,5%, а само 14% над 3,5%, покажува најновото истражување што го спроведе ревизорско-консултантската куќа Deloitte.

Според истражувањето спроведено од ноември до декември 2020, кое го претставува мислењето на 590 финансиски директори од 17 централноевропски земји, евидентен е општиот негативен надолен тренд во однос на претходната година во врска со изгледите за иднината. Просечниот очекуван раст на БДП за 2021 година е само 0,25% во споредба со двата процента лани или 2,3-те отсто во 2019 година, пренесува МИА.

Во целиот регион повеќето финансиски директори или 62% очекуваат пораст на индексот на потрошувачките цени (во споредба со 83% во 2020-та, односно 82% во 2019-та). Во Северна Македонија, 71% од финансиските директори предвидуваат раст на овој индекс, додека само 14% не очекуваат никаква промена на индексот.

“Како и во минатогодишното издание, гледаме како постојаната неизвесност околу пандемијата  продолжува да ги обликува начините на кои финансиските директори ја планираат претстојната година. Ова го увидовме од бројните одговори на анкетата спроведена меѓу финансиските директори. Намалувањето на трошоците и проширување со аквизиција се едни од клучните стратегии на кои финансиските директори ќе се фокусираат оваа година“, вели Оливера Андријашевиќ, партнер во Ревизија и лидер на CFO програмата на Deloitte.

Од 2018 година сè повеќе финансиски директори очекуваат пораст на стапката на невработеност. И додека 36% од испитаниците очекувале стапката на невработеност да порасне во 2020, сега се речиси 70% од испитаниците, што јасно е дека е поврзано со КОВИД-19 и пазарот на трудот. Ваков став имаат 45% од финансиските директори во Црна Гора, 38% во Албанија и 38% во Србија.

Финансиските директори и понатаму го гледаат интерното финансирање (49%) и задолжувањето во банки (43%) како одржливи извори на финансирање на своите организации. Иако ниеден од понудените извори на финансирање не е оценет како “привлечен“ од страна на повеќето испитаници, важно е да се напомене дека ниеден од изворите на финансирање кои се оценети како “непривлечни “ не го одбраа повеќе од 30% од испитаниците. Должничките инструменти (47%) и инструментите на капиталот (53%) добија најголем процент на “неутрални“ одговори.

Фото: Freepik