FinCEN документи: Како големи светски банки префрлале “валкани“ пари

73

Документи откриваат трансакции од околу два билиони долари на криминалци кои добиле дозвола од некои од најголемите светски банки, пишува ВВС. Документите, исто така, покажуваат како руски олигарси ги искористувале банките да спречат санкции што би им ги стопирале трансакциите од Западот.

Документите покажуваат дека швајцарската банка НЅВС им овозможила на измамници да преместат милиони долари украдени пари ширум светот, дури и откако дознала од американските експерти дека станува збор за измама.

Американска JPMorgan на компании им дозволувала да префрлат повеќе од милијарда долари преку сметка отворена во Лондон, без да го знае сопственикот. Банката подоцна открила дека компанијата можеби е во сопственост на еден од најбараните мафијаши од страна на ФБИ.

Се тврди дека еден од најблиските соработници на рускиот претседател, Владимир Путин, ја користел Barclays банката во Лондон за да ги заобиколи можните санкции што требало да го спречат да ги користи финансиските услуги од западноевропските земји. Дел од парите бил користен за купување уметнички дела…

FinCEN датотеките имаат над 2.500 документи, од кои поголемиот дел банките им ги испраќале на американските власти меѓу 2000-та и 2017-та година, поради сомнение дека можеби станува збор за перење пари.

Во овие документи се наоѓаат некои од најстрого чуваните тајни на меѓународниот банкарски систем.

Инаку, FinCEN е американска мрежа за истрага на финансиски криминал. Станува збор за експерти од американското Министерство за финансии кои се борат проти финансискиот криминал. Сомнежите во врска со трансакции направени во американски долари треба да се испратат до FinCEN, дури и ако се направени надвор од САД.

Секоја банка мора да пополни извештај за сомнителни активности ако се сомнева дека некои од нејзините клиенти оперираат со пари стекнати од нелегални текови. Банките треба да бидат сигурни дека не им помагаат на клиентите да перат пари или да ги преместуваат на начини што ги кршат правилата.

Откриените документи покажуваат дека станува збор за огромна сума на пари (два билиони долари) и тоа е само мал дел од извештаите што биле доставени во текот на тој период.

Можно е откривањето на овие документи да влијае врз американската национална безбедност, да ја загрози истрагата и безбедноста на институциите и поединците кои поднесуваат извештаи.

Фото: Pexels