Фирмите лани добиле скоро 402 милиони евра од поврат на ДДВ

38

Минатата година фирмите добиле поврат на ДДВ од околу 402 милиони евра или за околу 7,5% повеќе во однос на 2018 година, информира Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Споре нејзе, добрата динамика на поврат на ДДВ продолжува и годинава, што е од големо значење за ликвидноста на фирмите, нивното работење и инвестиции.

“Во првите 16 дена од јануари е извршен поврат на ДДВ кон фирмите во износ од 926 милиони денари или 15 милиони евра. Со ова продолжува добрата динамика од минатата година во која на фирмите по основ на ДДВ им беше извршен поврат од 401,9 милиони евра. Ова е за 7,46% повеќе во однос на 2018 година, 28,18% повеќе во однос на 2017 година, 44,19% повеќе во однос на 2016 година и 42,46% повеќе во однос на 2015 година. Ова е од исклучително значење за фирмите, бидејќи на овој начин се одржува ликвидноста, потребна за тековно работење, но и планирање на инвестициската дејност“, рече Ангеловска.

Таа додаде дека и повратот на ДДВ кон граѓаните во раки на мерката МојДДВ ќе се изврши следниот месец и тоа за месеците октомври, ноември и декември во 2019, за што повратот изнесува околу 3,8 милиони евра.

“Инаку во првите две тримесечја мерката има одлични резултати – 213.000 корисници, 52,5 милиони скенирани сметки со промет од 26 милијарди денари, од кои е наплатен ДДВ од 2,8 милијарди денари. Преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда досега се доделени 1,8 милиони денари награди и тоа 340.000 денари дневни награди и 1,5 милиони денари за месечните награди од по 100.000 денари“, рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи дека буџетот е во добра кондиција, дека финансиите се стабилни, како и дека расходите редовно се сервисираат. Следниот месец ќе бидат исплатени покачувањата на платите во образованието и пензиите, а во март и покачувањето на платите во здравството.

Фото: Pexels