Фирмите со поголем удел во нефункционалните кредити од домаќинствата

48

Учеството на сомнителните и на спорните побарувања во вкупните кредити во јануари забележа минимален месечен раст од 0,1 процентен поен (п.п.) и изнесуваше 3,4%. Гледано од аспект на секторската структура и натаму најголемиот дел од вкупниот износ на нефункционалните кредити произлегува од секторот претпријатија, додека учеството на нефункционалните кредити на секторот домаќинства е значително помало.

Показателот за искористеноста на депозитниот потенцијал на банките за кредитирање на приватниот сектор во јануари изнесува 80,9%, при што е малку понизок во споредба со проектираната вредност на овој показател за крајот на првиот квартал од 2021 година (82,5%), согласно со октомвриската проекција.

Кај каматните стапки на вкупните депозити (денарски и во странска валута) , каматниот распон и натаму е стабилен на нивото од 0,8 п.п., при речиси непроменети каматни стапки на денарските и девизните депозити. Кај новопримените вкупни депозити, каматниот распон се зголеми и изнесува 0,4 п.п. како резултат на зголемувањето на каматната стапка на денарските депозити за 0,1 п.п., при пад на каматната стапка на девизните депозити за 0,2 п.п.

Кај каматните стапки на депозитите на домаќинствата распонот меѓу каматните стапки на денарските и девизните депозити и понатаму изнесува 0,8 п.п., при непроменети каматни стапки на денарските и девизните депозити. Каматниот распон кај новопримените депозити на домаќинствата се стесни за 0,1 п.п., како резултат на намалувањето на каматната стапка на денарските и девизните депозити за 0,3 п.п. и 0,1 п.п., соодветно.

Во однос на каматните стапки на вкупните кредити, во јануари, е забележана мала надолна промена кај каматната стапка на кредитите на домаќинствата за 0,1 п.п., при што изнесувa 5,4%, додека каматната стапка на кредитите на претпријатијата се задржа на нивото од претходниот месец, од 3,7%. Кај новоодобрените кредити во јануари, каматните стапки на домаќинствата и на претпријатијата се зголемија за 0,2 п.п. во однос на претходниот месец и изнесуваат 4,6% и 3,6%, соодветно.

Фото: Pixabay