Фирмите во август земале 3,1% помалку кредити одошто во јули

29

Кредитите на корпоративниот сектор , во август, се пониски за 3,1% во споредба со претходниот месец, како резултат на намаленото кредитирање во денари. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 4,8%, под влијание на растот на кредитите во денари и странска валута, којшто е поизразен кај кредитите во странска валута.

Доколку се исклучат податоците за кредитите на банката во стечај, кредитите на корпоративниот сектор, во август, бележат месечен пад од 0,6%, при годишен раст од 7,6%.

Во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за 1,3% на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитните пари, при остварен помал раст и кај депозитите во странска валута (краткорочни и долгорочни), а во услови на пад кај депозитите во денари (краткорочни и долгорочни), покажуваат податоците на Народна банка.

Годишниот раст изнесува 5,8% и главно се должи на растот на депозитните пари, како и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари. Со исклучување на податоците за депозитите на корпоративниот сектор на банката во стечај, месечниот и годишен раст во август изнесува 2,0% и 6,5%, соодветно.

Во август, кај вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 2,1%. Надолната промена во најголем дел се должи на намалените долгорочни депозити во денари (учество во промената од 68,2%), при забележан пад и кај останатите компоненти, освен краткорочните депозити во странска валута коишто бележат раст. Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата се зголемени за 5,7%, како резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти бележат пад.

Ако се исклучат податоците за депозитите на банката во стечај, остварен е минимален месечен раст од 0,1% и годишен раст од 8,0%.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат месечен раст од 0,3%, којшто е резултат на повисоките кредити одобрени во денари, додека кредитите во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 9,0% и е поизразен кај кредитите одобрени во денари. Со исклучување на податоците за кредитите на домаќинствата на банката во стечај, растот на месечно и годишно ниво изнесува 1,2% и 10,0%, соодветно.

Фото: Pexels