ФИТР: Наградени проекти од 39 училишта на Предизвик за млади истражувачи 3

40

Триесет и девет проекти на основни и средни училишта од целата држава, се наградени во рамките на јавниот повик Предизвик за млади истражувачи 3, кој Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), го спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Она што охрабрува е дека и во услови на здравствена криза и затворени училишта, на јавниот повик Предизвик за млади истражувачи 3 дури 58 училишта доставија свои предлог проекти.

“Оваа година беше малку поинаква од другите но сепак тоа не нè спречи нас младите да продолжиме да си ги остваруваме нашите цели и да работиме на тоа што сакаме да го постигнеме. Ситуацијата во која сега се наоѓаме, не учи дека не секогаш ќе имаме идеални услови за работа и ни кажува дека некогаш треба да излеземе од комфор зоната за да напредуваме и да станеме подобри личности“, им порача на сите ученици и ментори, Давид Стојкоски, првенец на генерација 2016 – 2020 во скопската гимназија Никола Карев и практикант во ФИТР на прогласувањето на наградените училишта кое се одвиваше онлајн. Големиот одѕив на училиштата и во вакви вонредни услови заслужува голема афирмација изјави и премиерот Оливер Спасовски.

“Сакам да истакнам дека во вакви времиња, заканата од пандемијата не смее да го исплаши и запре истражувачкиот дух и мотивираноста на учениците да дојдат до нови знаења. Токму во вакви времиња е особено потребни креативноста, љубопитноста, истражувачкиот дух, како и мотивираноста да се постигнуваат нови успеси. Тоа се вредности што одат рака под рака со здравите работни навики и со лидерските особености. Мотивирани млади луѓе се градителите на нашата убава и перспективна иднина. Такви млади луѓе и се потребни и на нашата земја, а такви млади луѓе сте токму вие кои успеавте да стигнете до победничкото место во програмата Предизвик за млади истражувачи 3. На вашата желба и обврска да бидете вредни ученици, да покажете интерес, со труд и посветеност да им пристапувате на вашите училишни обврски и вонучилишни активности, ние возрасните имаме обврска да ги отвориме сите патишта што водат кон таа надежна и перспективна иднина за вас младите. Сакам да знаете дека сите ваши успеси се наша голема радост и ви посакувам уште многу успеси!“, им порача Спасовски.

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски најави дека поддршката за младите во земјава ќе продолжи.

“Кога зборуваме дека оваа држава, Владата и ФИТР вложуваат во младите ова е конкретен пример дека тоа се прави реално и во пракса. И покрај тоа што бевте соочени со здравствена криза, ризици и неизвесност вие решивте да ни одговорите на предизвикот со одлични проекти. Овој настан е начин како ние како институција и како Влада да ви кажеме благодарам што и во вакви тешки услови направивте нешто корисно за вас, но и за државата. Со денешните наградени училишта имаме речиси сто поддржани училишта во кои се вклучени над 800 ученици и ментори. Ние остануваме посветени на поддршката на младите луѓе и понатаму бидејќи вие сте ми вистинска мотивација и инспирација дека оваа земја има одлична иднина. Вашиот креативен потенцијал е огромен, а наш приоритет е да вложуваме во него и да го развиваме“, порача Деспотовски.

Тој најави дека со почетокот на новата училишна година Фондот ќе објави и нов Предизвик за млади истражувачи.

Целта на овој повик кој Фондот го спроведува веќе трета година  е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Годинава прворангирано основно училишта е ООУ Страшо Пинџур од Неготино, додека кај средните училишта најдобро рангиран е проектот на гимназијата Орце Николов. Наградените училишта од целата земја, ќе работат на проекти во различни области од природните и технички науки. Во најголем дел  предлог проектите се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија.

Вкупниот буџет на повикот е 6.000.000 денари. Поединечен предлог проект може да добие до 300.000 денари и дополнителни 30.000 денари за ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

Комисијата за избор и одлучување беше во состав: Нуран Кадриу Џамбази – претставник од Сектор средно образование при МОН, Илинка Тарчуговска – претставник од Сектор основно образование при МОН, М-р Валентина Гоцевска и М-р Владо Стојанов – претставници од Бирото за развој на образование, Слобoданка Филиповска – претставник на Здружението за поттикнување и  подготовка на младите за успех во глобалната економија Џуниор Ачивмент Македонија, Елена Хаџи Пецова – претставник на Центар за развој на претприемачи и менаџери Цеед Македонија, како и Сандра Крстиќ и Неда Икономова Гавриловска од ФИТР.

Предизвикот беше отворен на 24.01.2020 година. Поради новонастанатата ситуација со пандемијата со Ковид-19, на барање на училиштата рокот беше продолжен до 06.04.2020 година. Во изминатите две години се поддржани 54 училишта со над 500 вклучени ученици.