ФИТР со Светска банка креираше инструмент за економско заздравување за пост-кризната фаза

105

Фонд за иновации и технолошки развој достави до Владата нова мерка за Технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД окружување. Наменет е за економско заздравување на домашните компании во пост-кризната фаза, нивно брзо прилагодување кон новонастанатите пазарни услови и брз развој.

Новата мерка е подготвена во консултации со повеќе стопански комори и бизнис асоцијации во земјата, а обезбедена е првична согласност и од Светската Банка, како клучен финансиски партнер на Фондот.

“Фокусот на мерката е брза реорганизација и воведување на дигитални системи и алатки со цел прилагодување кон новите услови на функционирање, подобрување на организационата структура, реорганизација на работните процеси со цел зголемена продуктивност, прифаќање и воведување на насоки за заштита на вработените и клиентите поврзани со КОВИД кризата, како и воведување на нови производи или услуги за кои постои зголемена побарувачка во новонастанатите пазарни услови“, стои во соопшетнието од ФИТР.

Предвидени се и скратени рокови за аплицирање, пократко времетраење на проектите – најмногу до шест месеци, како и соодветно прилагодени износи за ко-финансирање.

Иницијалниот вкупен буџет за овој инструмент е 200 милиони денари. Со оваа мерка, во првично одобрениот износ се очекува да се опфатат помеѓу 180 – 200 домашни компании. Финансиската поддршка е прилагодена кон големината на компаниите, па така микро претпријатијата би можеле да добијат најмногу до 750.000,00 денари, малите претпријатија до 1.500.000,00 денари, а за максималниот износ до 3.000.000,00 денари може да аплицираат претпријатијата со средна големина. Компаниите се обврзани да обезбедат најмалку 30% сопствени средства за учество во инвестициите.

Со оваа мерка, Фондот воведува иновативен механизам на финансирање, преку кој се доделуваат средства со поврат од 15% од бруто добивката остварена во првите три години по завршување на проектот. Домашните компании немаат обврска да обезбедат гаранции за добивање на финансиска поддршка. Користењето на средствата од Фондот, како и досега, ќе биде предмет на мониторинг од страна на реномирани странски ревизорски куќи, ангажирани од страна на Фондот.

По завршување на владините процедури, ќе следи јавен повик за доделување на финансиска поддршка.

Ова е дел од пакетот мерки на ФИТР за ублажување на економските последици од корона-кризата, а веќе се во подготовка и нови иницијативи.