Фолксваген претстави електрични автомобили за да се спротивстави на кинеската конкуренција

Водечкиот европски производител на автомобили „Фолксваген“ (VW) претстави ново семејство на попристапни електрични градски автомобили за да се спротивстави на кинеската конкуренција, додека германската индустрија погодена од кризата се обидува да се опорави.

Понудата на групацијата со седиште во Волфсбург, презентирана како вовед во Саемот за автомобили во Минхен, се состои од четири модели, со почетна цена од околу 25.000 евра, а тие ќе влезат на пазарот во 2026 година.

Фолксваген соопшти дека постигнал значителни заштеди со користење на истата модуларна електрична платформа (MEB+) и новата батерија на Фолксваген во повеќе модели.

Среднорочната амбиција е да се зголеми пазарниот удел на Фолксваген за околу 20 проценти во сегментот на мали електрични автомобили во Европа, што е неколку стотици илјади возила годишно, според соопштението пренесено од Бета.

Фолксваген, како и неговите конкуренти во премиум гамата – БМВ и Мерцедес – сметаат на саемот во Минхен, IAA Mobility, за оживување на нивната индустрија.