Фонд за иновации за поддршка на македонските компании

35

Фондот за иновации и технолошки развој, што првпат го формира Владата на Република Македонија, веќе е конституиран. Составен е и Управниот одбор кој назначи и директор на Фондот. До крајот на годинава се очекува да биде донесен статутот и другите акти и Фондот да почне да работи од 1 јануари 2014 година.

Според премиерот Никола Груевски, тој ќе им помогне на иноваторите во земјава, од што директно зависи успехот на секоја држава.

“Фондот ќе им помага на компаниите што имаат иновации кои може да се комерцијализираат. Фондот ќе биде финансиран од буџетот, но ќе има и надворешни средства. Имаме аранжман со Светската банка која изрази подготвеност да го поддржи работењето на фондот. Во првите три години ќе биде поддржан со осум милиони евра годишно, што во голем дел ќе оди како директна помош на компаниите кои ќе пријават иновации. Изборот на компаниите ќе го прави меѓународен борд, кој ќе ги прегледува, анализира сите поднесоци на сите кои сметаат дека имаат иновација и ќе оценува кој од нив заслужува и ќе добие поддршка од државата”, изјави премиерот Груевски по пуштање во употреба ново основно училиште во Чаир.

Премиерот им порача на сите што имаат некаква иновација, да сметаат на поддршка од државниот фонд кој, како што нагласи, е формиран за помош на македонските граѓани и компании.

“Да ги поддржиме кога ќе имаат идеја за иновација, да ја материјализираат и да ја комерцијализираат, а потоа од неа да се отворат нови работни места во Македонија и да се вработат невработени луѓе, што е и крајна цел на нашите економски политики”, истакна премиерот Груевски.