Фондацијата на Сорос се повлекува од ЕУ и се фокусира на Западен Балкан

100

Фондацијата Отворено општество (ОСФ), чиј основач е милијардерот Џорџ Сорос, планира да се повлече од голем дел од своите активности во Европската унија или целосно да ги суспендира и да го пренасочи своето внимание кон другите делови на светот, како што е Западен Балкан и постсоветските земји.

Повикувајќи се на писмо испратено до унгарските партнери минатата недела, унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа објави дека раководството на ОСФ се „одлучило за радикална промена на стратегијата“, пренесува Банкар.ме.

Во писмото се тврди дека институциите и владите на ЕУ трошат многу пари за истите прашања како и Отворено општество.

Наместо тоа, организацијата основана од Џорџ Сорос ќе се фокусира на Балканот, постсоветските земји и остатокот од светот, се вели во извештајот.

Ројтерс пишува дека интерниот имејл до вработените не дава детали за тоа како фондацијата ќе ги прераспредели своите средства, но дека портпаролот на фондацијата рекол дека ќе продолжи да ги поддржува граѓанските организации низ Европа, вклучително и оние кои работат на надворешни работи на ЕУ, и кои ќе продолжат да ги поддржуваат ромските заедници во Европа.

„Фондацијата Отворено општество го менува начинот на кој работи, но моето семејство и ОСФ веќе долго време го поддржуваат и остануваат цврсто посветени на европскиот проект“, рече Алекс Сорос, претседател на Фондацијата Отворено општество, во изјава испратена по е-пошта за Ројтерс, пренесува Бета.

Организацијата, која доделува околу 1,5 милијарди долари годишно низ светот, ќе продолжи да финансира програми во Европа, вклучително Украина, Молдавија, Киргистан и Западен Балкан преку национални фондации, изјави портпаролот на Фондацијата Отворено општество.

Унгарскиот сервис на РСЕ, исто така, наведува дека дури и во рамките на ОСФ, малку се знае за деталите како што е времето на повлекување или што ќе се случи во земјите на ЕУ каде што се смета дека институциите и владите не трошат значителни суми за човекови права или прашања за различностите.

Со оглед на тоа дека ОСФ треба да се реструктуира следната година, неговите европски програми би можеле да завршат најрано во 2024 година, се додава во написот.

Во јуни беше најавено дека 93-годишниот Сорос ќе ја предаде својата Фондација вредна 25 милијарди долари на синот Алекс, а во јули беа претставени плановите за отпуштање на 40 отсто од вработените во светот, како дел од стратешките промени.