Фондот за осигурување на депозити за 22 години обесштети 21.000 штедачи со 1,5 милијарди денари

28

Фондот за осигурување на депозити постои од 1997 година, а до денес се направени 11 исплати на обесштетување на 21.000 штедачи во износ од 1,5 милијарди денари.

Фондот за осигурување функционира 22 години, а е формиран по случувањата со заробување на девизите на граѓаните со распадот на поранешната држава и по пирамидалното штедење. Во Фондот членки се 14 банки и две штедилници, а средствата што фондот ги наплаќа од своите членки ги инвестира во нискоризични државни хартии од вредност, пренесува МИА.

Фондот, како што се наведува, претставува еден од главните столбови на финансиската стабилност во земјава. Депозитите на домашни и странски физички лица се осигурани. Обесштетувањето се врши во максимален износ од 30.000 евра, а се опфатени денарски и девизни депозити, сертификати за депозити, трансакциски сметки, депозити врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Од Фондот појаснија дека не се обесштетуваат депозити со привилегирани каматни услови, депозити на сопственици над пет отсто од акциите на банката, депозити на членови на органите на управување на банката и нивни роднини од прв степен и депозити врзани со трансакции со кои се вршело перење пари.

Обесштетувањето се врши при затворање на банка или штедилница кога гувернерот на Народната банка ја одзема дозволата за работа, а граѓаните се информираат преку медиумите. Вакви обесштетувања Фондот досега има направено 11 пати.

Според Борче Хаџиев, директор на Фондот, исплатата се врши брзо и тоа во рок од 20 календарски дена од денот на затворање на банката или штедилницата, а исплатата се врши во денари.

Податоците покажуваат дека во банките се чуваат 4,46 милијарди евра депозити. Тие се значен извор на банките за финансирање, но и граѓаните се уште имаат интерес да ги чуваат во банките и поради безбедност, но и добивањето камата, која е поконкурентна во однос на регионот и во европските земји.

Во земјава, исто така, сè уште не се оданочуваат каматите од депозитите. Со последните промени се одложи оданочувањето до 2022 година, кое требаше да стартува од први јануари 2020 година.

Фото: Pexels