Ford и Volkswagen формираат алијанса

59

Групацијата Volkswagen и Ford Motor Company ги најавија првите формални договори за формирање на нова алијанса во автомобилската индустрија.

Алијанската меѓу Ford и Volkswagen треба да им помогне на матичните компании да ја зголемат својата конкурентност и подобро да ги опслужуваат купувачите во време на рапидни промени во автомобилската индустрија. Од двете компании веќе најавија дека се направени првите договори околу формирањето на алијансата.

Ford и Volkswagen имаат мошне успешни и важни комерцијални модели ширум светот, каде посебно се истакнуваат Ford Transit и Ranger, како и Volkswagen Transporter, Caddy и Amarok. Вкупниот број на продадени лесни комерцијални возила на компаниите од 2018 година изнесувала околу 1,2 милиони примероци на глобално ниво. Затоа оваа индустриска соработка лесно би можела да има предзнак за најголема според самиот обем на производство.

Преку оваа алијанса, Ford ќе конструира и ќе произведува пикап камионети со средна големина за двете компании. Истите се очекуваат на пазарот да стигнат веќе во 2022 година. За двете компании Ford има намера да конструира и произведува поголеми комерцијални комбиња за европските купувачи. Од друга страна, Volkswagen ќе развива и произведува помали градски комбиња.

Директорот на Volkswagen, Херберт Диес и извршниот директор на Ford, Џим Хекет, потврдија дека компаниите планираат да развиваат комерцијални возила. Попрецизно, ова се однесува на комбиња и пикап камионети со средна големина за глобалниот пазар веќе од 2022 година. Оваа алијанса ќе постигне значителни размери и ефикасност. Исто така ќе им овозможи на двете компании да ги делат своите вложувања во архитектурата за возилата кои нудат различни можности и технологии.

“Оваа алијанса ќе им помогне на компаниите да создадат дополнителна вредност и да ги задоволат потребите на нашите купувачи. Тоа значително ќе ја подобри ефикасноста и ќе им помогне на компаниите да ги подобрат своите резултати. Исто така и ќе ни даде шанса да соработуваме во обликување на следната ера на мобилност“, изјави Хекет.

Од друга страна, Диес додаде: “Fоrd и Volkswagen ќе ги искористат нашите колективни ресурси, иновациските можности и комплементарните позиции на пазарот со цел уште подобро да опслужат милиони купувачи ширум светот. Во исто време, сојузот ќе претставува камен темелник на нашето настојување да ја унапредиме конкурентноста“.

Volkswagen и Ford проценуваат дека комерцијалната соработка во развојот на овие возила ќе донесе подобрување на годишните оперативни резултати пред оданочувањето веќе од 2023 година. Покрај ова, Ford и Volkswagen потпишаа уште еден меморандум. Ова се однесува на истражувањето на можностите за соработка на развојот на автономни возила, услуги за мобилност и електрични возила. Двете компании потврдија дека се отворени за разгледување на дополнителни заеднички програми за развој на возила во иднина.

Преземено од Avtoplus.mk