Ford ќе произведува пластични делови за автомобили од домати

31

domati

По кокосот, сојата, оризот и рециклираните фармерки, автомобилскиот бренд Ford најде уште еден материјал од кој може да изработува делови за своите автомобили.

Тој материјал е нус производ од производството на кечап, поточно станува збор за остатоци од доматите.

Ford склучи договор со компанијата за производство на кечап Heinz со цел од нив да добиваат суровини како што се лушпите од сушените домати, нивното стебло и семе. Од нив, иако звучи чудно, можат да се произведуваат автомобилски делови.

Ford ќе ги користи сувите лушпи на доматите, што остануваат по производството на кечап, за изработка на пластичните делови на возилата. Производството на пластика на база на растенија, наместо на база на нафтени деривати, ќе го намали штетното влијание врз околината.

Новите материјали ќе се користат за скриените делови за автомобили поради непривлечниот надворешен изглед, но целта на проектот е во иднина овие материјали да добијат поголема естетска димензија.

“Оваа технологија ветува. Ние во Heinz знаеме дека доматите се добри за луѓето. Сега Ford ќе утврди дали доматите можат да ги направат нивните автомобили поеколошки“, вели Мајк Мулен, вицепретседател на Heinz.

Компанијата Heinz има големо производство на кечап, но и голема количина на отпад што не го користи.

“Правиме анализа со цел да утврдиме дали овој нус производ од прехранбената индустрија може да се искористи во производството на автомобили. Нашата цел е да развиеме силен и лесен материјал што ќе ги задоволи потребите и стандардите на автомобилите, додека во исто време тежнееме да го намалиме загадувањето на животната средина“, вели Елен Ли, специјалист – технолог во Ford.

Идејата е резултат на двегодишно истражување и соработка меѓу Ford и Heinz, во кое се вклучени и Coca – Cola, Nike и Procter & Gamble.