Формиран кластер за развој на туризмот во Тиквешкиот регион

37

Тиквешкиот регион, кој е наделеку познат по производство на вино, планира да го развива и туризмот, чии потенцијални се малку искористени. За таа цел, вчера во Градско беше промовиран Кластер за туризам на Тиквешкиот регион, кој официјално со работа ќе започне од 1 јануари 2016 година, јавува Макфакс.

Кластерот е организиран по принципот јавно приватно партнерство. Формиран е од страна на општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија, винарите Стоби, Тиквеш и Попова кула, како и локални спортски и ловни друштва, хотелиери, угостителски објекти и приватни компании.

Овој кластер ќе се стреми кон максимално искористување на потенцијалите со кои располага Тиквешкиот регион за развој на туризмот и на локалната економија. Предвидено е тиквешкиот кластер да соработува со туристичкиот кластер од Охридскиот регион, како и со неколку кластери од соседните земји.

Иницијативата за овој проект е на организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) и на институции од приватниот сектор во Тиквешијата. Проектот е финансиски поддржан од владата на Словенија со 220.000 евра.

Раководителот на секторот за туризам при Министерството за економија, Беким Хаџиу, истакна дека ресорното министерство ќе продолжи со поддршката за развојот на туризмот во сите региони во државата и додаде дека за оваа намена ќе бидат обезбедени државни средства.