Формиран Македонско – Босанско – Херцеговски деловен клуб

39

Во присуство на претставници на повеќе компании од двете земји, во Едукативниот центар М6 беше формиран македонско – босанско – херцеговски деловен клуб. Целите на Клубот се интензивирање и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, преку подобрување и олеснување на условите за деловна соработка помеѓу компаниите од двете држави, стои во соопштението.

Функционирањето на Клубот треба да овозможи поуспешен настап на компаниите на пазарот на другата земја,заеднички бизнис проекти и промовирање на бизнис поволностите на пазарите на Македонија и Босна и Херцеговина, како и на инвестициските поволности на двете земји.

За претседател на македонско – босанско – херцеговскиот деловен клуб беше избран Радош Вукичевиќ, генерален директор на винарската визба Тиквеш.

“Здружувањето и редовното состанување на стопанствениците на двете земји е од особена важност во поглед на унапредување на билатералните односи и поголемо вмрежување во регионот. Потенцијалот за соработка е навистина голем, особено оној меѓу различните сектори и секоја компанија може активно да придонесуваво развојот и интензивирањето на овие врски“, изјави тој.

За потпретседател беше избран Митко Кржовски, управител на компанијата Energy Delivery Solutions – EDS, а беа формирани и Управен и Надзорен одбор на клубот.

На формирањето на деловниот клуб присуствуваше и актуелната амбасадорка на Босна и Херцеговина во Македонија, Н.Е. Лепа Бабиќ.

“Придонесот од страна на компаниите е навистина значаен, а формирањето на овој македонско – босанско – херцеговски деловен клуб треба да претставува платформа за понатамошен развој и раст и нешто што ќе го олесни настапот на компаниите на пазарите и ќе им помогне во надминувањето на бариерите кои стојат на патот за остварување повисоко ниво на соработка. Очекувам со ангажманот на компаниите од двете земји работата на овој клуб сѐ повеќе да се зголемува во иднина и да дава конкретни резултати“, изјави Бабиќ.

Основачи на македонско – босанско – херцеговскиот деловен клуб се повеќе компании од двете земји, кои меѓудругото најавија и интензивирање на работата за зголемување на заедничкиот настап на трети пазари.