Франција планира да воведе закон против “намерни грешки“ во производите

449

aparati za domakinstvo

Многумина од нас се соочиле со проблем да купат било каков апарат за домаќинство и истиот да се расипе само еден месец по истекот на гаранцијата. Вообичаено луѓето мислат дека тоа е случајност, но можеби тоа била вистинската намера на производителот.

На пример, хакери откриле посебни системи кои ја бројат секоја испечатена страница од еден принтер. По достигнување на одреден број испечатени страници, принтерот јавува грешка, а поправката е многу поскапа од самиот уред. Притоа, со принтерот можеби се е во ред, но производителот е уверен дека на корисниците им е потребен нов, и тоа по можност од истиот производител, пишува Дојче веле.

Но, ваквите случаи во Франција наскоро би можеле да добијат третман на кривично дело. Овој пропис, под името Obsolescence programmée, ќе се додаде во постоечкиот Закон за заштита на потрошувачи. Тој ги опфаќа сите сегменти што подразбираат “техники“ за скратување на животниот век на некој производ со цел да се поттикне купување на нов. Тие таканаречени техники може да биде систем што намерно предизвикува расипување, програмирана грешка, техничко ограничување, скратување на можностите за поправка и намерна некомпатибилност.

Доколку започне примената на овие мерки, за измами од овој вид во Франција може да се донесе пресуда за затворска казна до две години и 300.000 евра парична казна.

Причината поради која овој закон се донесува во Франција е дел од промените во енергетската политика на земјата. Париз сака да го намали уделот на атомската енергија од 75% на 50% и двојно да ги намали потребите за енергија. Но, наместо да се купи нов производ, француските власти сметаат дека поголема заштеда ќе се направи доколку се поправат старите уреди за да останат во функција.