Француското интернационално училиште во Македонија го прославува своето официјално отворање

20

Единствениот едукативен центар на француски јазик, Француското интернационално училиште го прославува своето официјално отворање. На церемонијата на отворањето беа присутни Амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, како и претседателот на управниот одбор на училиштето, Жан Франсоа Ле Рок.

”Целта на училиштето е да понуди пристап кон вистински интернационален едукативен модел, базиран на изучувањето на три јазици: француски, англиски и македонски. Денешната прослава е јасен индикатор дека процесот ќе биде успешно имплементиран и во следните години, а ние и во иднина ќе продолжиме со квалитетно мултијазично образование, базирано на принципите на еднаквост, слобода и секуларизам”, изјави Ле Рок, претседател на управниот одбор на училиштето.

Амбасадата на Франција ги поддржува основните цели на Француското интернационално училиште и го дели истиот ентузијазам за идните успеси.

“Француското образование е познато како едно од најквалитетните во светот и во Република Македонија има долга традиција на активно и ефикасно присуство. Навистина сум среќна што се отвора нова страница во нашата соработка преку свеченото отворање на Француското интернационално училиште во Скопје кое е отворено за сите, почнувајќи од најмалите во предучилишното образование, па се до петто одделение“, додаде Лоренс Оер, Амбасадорка на Франција.

Француското интернационално училиште издава свидетелства признати насекаде во светот, исто како ученикот своето образование да го завршил во Република Франција. Во контекст на тоа во денешниот глобален свет, францускиот модел на образование е единствена глобална алтернатива на англо -саксонскиот образовен систем.

Училиштето нуди едукација според програмата на Министерството за образование на Република Франција од каде и е акредитирано.

Во рамките на програмата, специјален фокус е даден на изучувањето на англискиот јазик, додека достапна е и настава на мајчин (македонски или албански) јазик.