Г7: Засилете ги напорите за да се спречи Русија да профитира од војната во Украина

61

Министрите за трговија на Групата седум индустриски најразвиени земји – Г7 – објавија во четвртокот на состанокот во Германија дека сакаат да ги зајакнат напорите за да се спречи Русија економски да „профитира“ од војната во Украина.

„Ќе ги одржиме и интензивираме координираните напори за да ја спречиме Русија да профитира од нејзината нелегална агресија и да ја намалиме нејзината способност да ја продолжи војната“, изјавија министрите по дводневниот состанок, пренесува Бета.

На средбата се разговараше и за финансиски механизам наменет за обединување на приватните и јавните фондови за обнова на Украина, по завршувањето на војната.

„Ние сме во геополитичка ситуација каде што се тестира идејата за глобална трговија за подобрување на животот на луѓето“, рече германскиот министер за економија Роберт Хабек, кој претседаваше со состанокот во замокот Нојхарденберг во источна Германија.

Во изјавата објавена на крајот од дводневниот состанок, министрите рекоа дека сакаат да ги „диверзифицираат“ трговските односи, во услови на сè понапната геополитичка средина.

„Ние, министрите за трговија на Г7, нагласуваме дека диверзификацијата на трговијата и проширувањето на трговските односи на заемна корисна основа се од суштинско значење за подобрување на отпорноста и одржливоста на нашите економии“, изјавија министрите.