Гана ги зголеми откупните цени на какаото

Гана ја зголеми гарантираната откупна цена на какаото за земјоделците во земјата за повеќе од 63 отсто во обид да ги зголеми нивните приходи и да спречи шверц на стоката во соседните земји, каде какаото се продава по повисоки цени.
Претседателот на Гана Нана Акуфо-Адо рече дека земјата ќе купува какао од фармерите по цена од околу 1.714 евра по тон за сезоната 2023/2024 година, која започнува во септември, што е највисока откупна цена платена за фармерите низ Западна Африка во последните 50 години пренесува Ројтерс.

„Со прогнозата за стабилни цени, владата ќе продолжи да ги наградува земјоделците со добри цени во годините што следат“, рече Акуфо-Адо.

Порастот на куповната цена доаѓа откако фјучерсите на какаото достигнаа рекордно ниво во последните 46 години во последните недели.

Поради намалените цени на какаото од фармите во Гана во текот на претходната сезона, цените во соседниот Брег на Слоновата Коска се зголемени, меѓу другото, затоа што фармерите од Гана ги шверцуваат зрната какао и таму ги продаваат по повисоки цени.

„Разликата во цената е намалена и повеќе нема да биде профитабилно да се продава какао на Брегот на Слоновата Коска и Того“, рече Летиција Аду Јенки, претставник на претставничката организација за извоз на какао во Гана.

Камерун, четвртиот најголем производител на какао во светот, ја зголеми откупната цена од домашните фарми за 25 отсто на околу 2,29 евра за килограм за сезоната 2023/2024.