Гарантен фонд за поголемо искористување на ИПАРД средствата

27

Гарантен фонд за 100-процентна финансиска поддршка на земјоделците во насока на искористување што повеќе средства од ИПАРД фондовите, најавува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во изјава за МИА.

Според Цветков, фондот ќе биде проектиран на околу 25 милиони евра со можност за финансирање проекти до максимум 100.000 евра и се очекува да профункционира од февруари или март идната година.

“Нашите земјоделци не се толку богати за да го предфинансираат проектот и да чекаат 50% од парите назад, по неговото реализирање. Затоа, предлагаме формирање гарантен фонд преку кој 100% ќе им ги обезбедиме средствата, односно целосно ќе им ја гарантираме инвестицијата. Нивна обврска ќе биде да ја реализираат и да бидат редовни во подмирувањето на долгот. На почеток ќе одиме со помали износи, до 100.000 евра“, нагласува Цветков.

Во тек се разговори со банките заинтересирани за кредитирање вакви проекти при што се настојува на одобрување заеми со ниска каматна стапка, од максимум пет до шест отсто.