Гаспром подготвува масовни отпуштања по рекордни загуби

Гаспром, кој го загуби европскиот пазар на гас и забележа загуби од стотици милијарди рубљи, подготвува масовни отпуштања на вработени во својата централна канцеларија, пишува рускиот портал The Moscow Times. Компанијата ја разгледува можноста за отпуштање на 1,6 илјади вработени во седиштето во Санкт Петербург, се вели во предлогот што заменик-претседателот на Управниот одбор Елена Иљукина го испрати до извршниот директор на Гаспром, Алексеј Милер.

„Москва тајмс“ го цитира пишувањето на санктпетербуршкиот портал 47 вести, кој објави документ, во кој Иљукина укажува на „предизвиците со кои се соочува Групацијата Гаспром и потребата да се „оптимизираат трошоците на сите нивоа на управување и производствени процеси“.

Според Иљукина, Гаспром сега троши 50 милијарди рубли годишно само за плати на вработените во централната канцеларија. Нивниот број, наведе таа, може да се намали од 4,1 илјади на 2,5 илјади луѓе. Најавените отпуштања, наводно, ќе се случат во рок од еден месец – до 15-ти февруари.

Со прекинот на испораките на руски гас за повеќето европски земји преку Украина, Гаспром загуби две третини од својот извоз – во 2023 година неговите испораки во земјите надвор од Комонвелтот на независни држави изнесуваа само 69 ​​милијарди кубни метри, што е најниско од 1985 година. И извозот кон Европа падна на 28 милијарди кубни метри, што е нивото од втората половина на 1970-тите.

Во 2024 година, транспортот кон Европа незначително се зголеми на 32 милијарди кубни метри годишно, според Ројтерс, но остана 5,5 пати пониско од нивото пред војната (180 милијарди кубни метри во 2018-19 година).