Газпром: Изградбата на Јужен тек ќе се одвива по планот

27

gaspromРуската компанија Газпром, по реакцијата на Европската Комисија за изградбата на Јужен тек, соопшти дека спроведувањето на проектот ќе продолжи според планот и во потполна согласност со локалните закони и меѓународните стандарди, јавува Танјуг.
Како што се вели во соопштението од Газпром, документите за изградба на Јужен тек со години и се достапни на јавноста и затоа од компанијата се изненадени од негативните реакции на Европската Комисија токму сега кога се започнати градежните работи.
Заменик генералниот директор за внатрешен енергетски пазар во Европската Комисија, Клаус Дитер Борхарт, во Брисел изјави дека билатералните договори кои руски Газпром ги склучи со земјите од Унијата, како и со Србија која има кандидатски статус, се спротивни на прописите на Унијата и дека за нив потребно е овие земји повторно да преговараат.
Како што наведуваат од Газпром, стандардна е процедурата големите прекугранични инвестиции да се поддржуваат со меѓународни договори за да се обезбеди правна сигурност и стабилност за инвеститорите.
“Ние сме потписници на овие договори и тие и се достапни на јавноста со години и затоа сме изненадени и разочарани што Комисијата дури сега ја изразува својата загриженост, по започнувањето со изградбата на гасоводот. Овој незгоден тајминг е уште помалку разбирлив ако се земе в предвид дека изградбата на Јужен тек е определен како национален приоритет за неколку земји – членки на Унијата”, наведува Газпром во соопштението.
Во соопштението се додава и дека преостанатите регулаторни прашања кои се однесуваат на примена на енергетскиот закон на ЕУ можат да бидат разјаснети паралелно со изградбата.
“Ние постигнавме договор со европските регулаторни тела за гасоводот ОПАЛ, кој претставува копнен дел на Северен тек. Веруваме дека можеме да ги искористиме стекнатите искуства и побрзо да востановиме функционални регулаторни рамки за копнениот дел на Јужен тек”, заклучуваат во соопштението.