Газпром објави намалување на производството во 2022 година

44

Руски Газпром во првите седум месеци од тековната година произведе 12 отсто помалку гас во споредба со лани. Газпром годинава произведе 262,4 милијарди кубни метри гас или 35,8 милијарди кубни метри помалку отколку во првите седум месеци од 2021 година.

Главната причина за падот на производството, според Газпром, е падот на потрошувачката на гас во Европската унија, пренесува Комерсант. Испораките во земјите надвор од Заедницата на независни држави изнесуваат 75,3 милијарди кубни метри, што е за 40 милијарди кубни метри помалку или 34,7 милијарди кубни метри.

Извозот во Кина преку гасоводот Моќта на Сибир се зголеми за 60,9 отсто, а побарувачката на гас на рускиот пазар е намалена за два отсто, односно за три милијарди кубни метри.

„Падот на потрошувачката на гас во ЕУ стана клучен фактор за намалување на глобалната побарувачка. Падот на глобалната побарувачка за гас за седумте месеци од 2022 година изнесува 35 милијарди кубни метри во споредба со истиот период во 2021 година. Истовремено, потрошувачката на гас во 27 земји-членки на ЕУ во истиот период е намалена за 31 милијарда кубни метри“, објави Газпром.