Генералната директорка на Заводот за вработување на Р. Словенија:„На македонските работници сакаме да им се претстават најдоверливите словенечки работодавци“  

86

Впечатоците во Македонија од последната манифестација „Живот и работа во Словенија“ се многу позитивни. За тоа, што велат искуствата, дали има број на македонски граѓани кои дошле во Словенија во последната година, какви се очекувањата за оваа година и зошто Заводот за вработување на Словенија одлучи да организира ваков настан одговори дава  в.д. генералната директорка на Заводот за вработување на Р. Словенија, Грета Метка Барбо Шкербинц.

„Оваа година, во месеците јуни и септември, веќе успешно организиравме неколку вакви настани во странство, па поради големата побарувачка од работодавачите и потребите на нашиот пазар на труд, решивме повторно да ги организираме настаните во Северна Македонија. Главната цел на овие настани е на странските баратели на работа да им се обезбедат веродостојни информации за работните и животните услови во Словенија и да им се понуди соодветна правна заштита со релевантни информации, бидејќи како што знаеме, миграцијата е дел од нашето секојдневие и може да се очекува нејзин раст и во иднина. Токму затоа сакаме да ги зајакнеме информациите за работниците кои веќе се во нивните земји на потекло, што значи да го подобриме нивниот пристап до информации за правата, процедурите за вработување, законодавството итн. во најголема можна мера, на начин кој ќе биде разбирлив за работниците и со тоа ќе им се обезбеди поголема правна сигурност“, нотира Шкербинц.

За наредните години во Словенија се предвидува понатамошно зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста. Оттука, вели таа очекуваат дека ќе продолжи да има недостиг на кадри на пазарот на трудот, а ќе се зголеми и регрутирањето на странска работна сила, која ѝ е потребна на нивната економија.

“Бидејќи работодавачите во Словенија веќе подолго време се соочуваат со голем недостиг на персонал, ние исто така сакаме да ѝ помогнеме на земјата да обезбеди соодветна работна сила која ќе помогне во реконструкцијата по катастрофалните поплави и свлечишта што се случија во Словенија во август и каде што исто така сметаме на помош од странски работници од државите блиски до нас“ нотира директорка на Заводот за вработување на Р. Словенија.

Шкербинц посочи дека во периодот од првите десет месеци од годинава издадени се 3.688 согласности за унифицирана дозвола за престој и работа за граѓаните на Северна Македонија, што е за 40,3% повеќе во однос на истиот период лани.

Шкербинц информира и за тоа кои компании доаѓаат кај нас на крајот на ноември, што ќе има во нивната понуда и за кого е наменет овој настан.

„Настанот е наменет за граѓаните на Северна Македонија. Сакаме да им понудиме што е можно посеопфатни информации за животот и работата во Словенија, односно не само за работењето. Им предочуваме на словенечките работодавци дека веќе не е доволно само да се понуди пристојна плата, тие мора да им помагаат на работниците во сите чекори при нивното вклучување и активно да им помагаат успешно да се интегрираат во животната средина по пристигнувањето во Словенија. Тука е важна и помошта околу сместувањето, обединувањето на членовите на семејството итн.

Но, бидејќи најдобрите информации се оние од „прва рака“, на овој настан доаѓаат речиси 30 истакнати словенечки работодавачи од цела Словенија, кои заедно вработуваат повеќе од 20.000 работници. Мнозинството се големи и средни работодавачи, а најголем број барања се од здравствената и социјалната заштита и градежната индустрија. Со нас ќе бидат и работодавачи од производство, транспорт и складирање, технички дејности и други, вели Шкербинц“.

За тоа колку и каков кадар е потребен и какви административни придобивки можат да очекуваат заинтересираните за работа и живот во Словенија, Шкербинц истакнува дека на Словенија ѝ требаат практично сите профили, и висококвалификувани и неквалификувани кадри од различни дејности. Повеќе од половина од работодавците во Словенија се соочуваат со проблеми со наоѓање кадар, а мораме да кажеме дека работодавачите од Словенија многу ги ценат работниците од Северна Македонија. Затоа сакаме на настанот да ги прикажеме можностите за работа од различни дејности и региони, сето она што Словенија може да го понуди во моментов.

Во однос на тоа кои се придобивките за вработените во Словенија, за помладите и постарите, а кои за членовите на семејството? Дали има различни услови за поединци и семејства кои сакаат да живеат и работат во Словенија, таа посочува дека на настанот ќе ги претстават можностите за вработување во Словенија.

“Свесни сме дека одлуката за работа во странство често ги погодува и другите членови на семејството. Затоа, на настанот ќе биде достапно индивидуално кариерно советување, а со задоволство ќе одговориме на сите прашања за животот во Словенија. Забележуваме дека многу ученици и студенти од Северна Македонија веќе студираат во Словенија и среќни сме што нашите две земји и на овој начин ги зајакнуваат своите врски. Инаку, Словенија има многу строги услови во однос на еднаков третман на вработените, без разлика на возраста, државјанството и други лични околности, така што условите за вработените не се разликуваат. Се разбира, во случаи кога целото семејство се сели во друга земја, потребна е поголема поддршка за мобилност. А заводот за вработување, исто така, може да понуди соодветна помош овде“, истакнува Шкербинц.