Геополитичките тензии во Иран ги „зацрвенија“ европските берзи

Европските берзански индекси денес се претежно во пад, а цената на нафтата од типот Брент повторно порасна за речиси два проценти, бидејќи воените напади на Соединетите Американски Држави во јужен Иран ги загрижија инвеститорите кои се надеваат на мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран.

Според податоците на берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта се зголеми за 1,52 проценти на 92,439 долари, а на нафтата од типот Брент за 1,73 проценти на 98,887 долари.

Американската војска соопшти дека „извршила напади за самоодбрана во јужен Иран“, таргетирајќи бродови за кои се тврди дека се обидувале да постават мини, како и места за лансирање ракети.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите со Иран „одат добро“, но предупреди дека Вашингтон би можел да продолжи со воените дејствија на Блискиот Исток доколку преговорите не успеат.

Европските фјучерси за гас за јуни се тргуваа по 45,790 евра за мегават-час на отворањето на берзата TTF во Амстердам денес.

Франкфуртскиот DAX падна за 0,25 проценти на 25.340,63 поени, францускиот CAC 40 падна за 0,29 проценти на 8.234,39 поени, московскиот MOEX падна за 0,36 проценти на 2.588,77 поени, додека британскиот FTSE 100 порасна за 0,76 проценти на 10.545,70 поени.

Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,16303 долари.

Цената на златото падна на 4.532,41 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 6,3882 долари за бушел (еден бушел е 27,216 кг).

Индексот „Дау Џонс“ во петокот затвори со пораст од 0,58 проценти на 50.579,70 поени, S&P 500 со пораст од 0,37 проценти на 7.473,47 поени, а Nasdaq со пораст од 0,19 проценти на 26.343,97 поени.

Американските берзи денес повторно се отворија по долгиот викенд и празникот на Денот на сеќавањето во понеделник.