Германците две години ќе работат со скратено работно време

110

Во германската коалициска влада е постигнат договор да се продолжи траењето на програмата за скратено работно време на две години, од моменталните 12 месеци.

Тоа е сторено во склоп на дополнителните мерки за ублажување на последиците од коронавирусот врз економија.

Коалициските партнери постигнале договор за да се овозможи продолжување на траењето на тој вид државна поддршка за да се надокнади платата на работници на кои поради пандемијата им беше скратена саатницата на 24 месеци за сите компании кои поднесоа барање до крајот на оваа година. Со тоа сакаат да спречат масовни отпуштања на работници.

Воедно е одлучено да се продолжи давањето финансиска помош на малите компании до крајот на оваа година и да се ублажат правилата за стечај со цел да се спречи бранот на банкроти.

Дополнителни мерки договорени во владата на чело со канцеларката Ангела Меркел со цел да се ублажат последиците од коронавирусот, Германија би можела да ја чини 10 милијарди евра, изјави германскиот министер за финансии Олаф Шолц.

“Целта е да ја стабилизираме економијата. Факт е дека делувавме брзо и решително, тоа резултираше Германија да ја поднесе кризата многу подобро од останатите земји, рече тој.

Според програмата за скратеното работно време, германската влада покрива околу две третини од платите на вработените во време кога работодавачите го скратуваат работното време за време на кризата со цел да ги намалат трошоците.

Таквата програма се користеше за време на финансиската криза од 2008-ма и 2009-та и е заслужна за зачувување на десетици илјади работни места.

Воедно е еден од главните инструмени на Берлин за заштита на германската економија од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, а се чини е клучен дел од владиниот пакет за помош за ублажување на последиците од коронавирусот, тежок 1.000 милијарди евра.

Пред пандемијата стапката на невработеност во Германија изнесуваше рекордни ниски 5%, а во меѓувреме се зголеми на 6,4%.

Фото: Freepik