Германија: 25.000 компании пред затворање, 200.000 луѓе пред отказ

Оваа година во Германија се очекува најголемиот број компании да пропаднат за речиси деценија и пол, а ликвидациите може да загрозат повеќе од 200.000 работни места, процени осигурителната компанија „Алијанц Трејд“.

Филијалата на гигантскиот осигурителен концерн ја базира проценката на меѓународната прогноза за бројот на банкроти во 2026 година, пренесува ДПА.

„Сега војната на Блискиот Исток очигледно влијае на Германија, а царинскиот спор со САД не е ни блиску до крајот“, рече раководителот на „Алијанц Трејд“ за Германија, Швајцарија и Австрија, Мило Богартс.

Компанија специјализирана за осигурување на кредити очекува зголемување на бројот на компании во постапки за несолвентност оваа година со стапка од 2,4 проценти, или 24.650 случаи.

„Тоа би било најмногу за 14 години“, рече Богaртс.

Според податоците од Дестатис, германската канцеларија за статистика, локалните судови отвориле 24.064 случаи минатата година, што е за 10,3 проценти повеќе отколку во 2024 година.

Во меѓународниот агрегат, „Алијанц“ очекува бројот на банкроти да расте со стапка од шест проценти, со што е уште посилен отколку во самата Германија. Аналитичарите ја ревидираа прогнозата нагоре поради војната во Иран, чии последици го зголемија притисокот врз енергетски интензивните сектори на економијата, како што се транспортот, хемикалиите и металургијата.

Оптимизам за 2027? „Алијанц“ предвидува смирување на кризата дури следната година

„Алијанц“ предвидува пресврт на трендот во Германија следната година и пад на бројот на компании што пропаднале за два проценти, на 24.150 случаи, очекувајќи ублажување на притисокот поради конфликтот и ефектите од економските мерки на владата.