Германија ќе има 81,5 милијарди евра помалку од даноци во буџетот

48

Повеќето Германци очекуваат зголемување на даноците заради кризата предизвикана од пандемијата од коронавирусот, покажаа истражувањата на Институтот Insa.

Според истражувањето објавено од весникот Bild, дури 62% од Германците веруваат дека економските последици ќе доведат до зголемување на даноците, додека само 18% не веруваат во тоа.

Според проценките, германската држава годинава ќе има 81,5 милијарди евра помалку од даноците во буџетот, што е во однос на лани, минус од 10%.

Затоа Социјалдемократската партија на Германија (СПД) смета дека само со зголемување на даноците и таксите може да се надмине сегашната криза. Шефицата на СПД, Саскија Есен предложи зголемување на данокот на доход, за да може државата да ги врати сите заеми што ги зеде за време на кризата.

Германската канцеларка Ангела Меркел, од централно-десничарската партија, одбива какво било зголемување на даноците.

Експертите претпоставуваат дека државните финансии брзо ќе закрепнат и дека следната година приходите од данок ќе бидат на ниво од 793 милијарди евра, што е скоро на исто ниво како пред кризата поради коронавирусот.

Фото: Pixabay