Германија објави „рано предупредување“ поради вонредната состојба со гасот

81

Германскиот министер за економија и вицеканцелар Роберт Хабек најави дека во земјата ќе биде во сила нивото на рано предупредување за испорака на гас, бидејќи Москва сè уште бара плаќање во рубљи.

Овој потег е прв од трите нивоа на предупредување и вклучува создавање на кризен тим кој ќе се справи со тензичната ситуација во снабдувањето со гас. Германското складиште за гас во моментов е исполнето со околу 25 отсто од капацитетот, рече Хабек.

„Во моментот нема недостиг во понудата. Сепак, мора да ги зголемиме мерките на претпазливост за да бидеме подготвени во случај на ескалација од страна на Русија“, објасни Хабек.

Министерот за економија ги повика компаниите и поединците да се обидат што повеќе да ја намалат потрошувачката на енергија, бидејќи Германија се обидува да се ослободи од зависноста од рускиот гас.

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин објави дека неговата земја ќе испорачува гас на Германија и другите „непријателски држави“ само доколку тие плаќаат во рубљи, со цел да ја поддржи валутата која ослабе поради западните санкции.

Оваа најава на Германија, е најасен знак досега дека Европската унија се подготвува да го прекине снабдувањето со енергенси од Русија, наведува агенцијата Ројтерс.

Шефот на регулаторот за дистрибутивни мрежи Клаус Мулер на Твитер напиша дека целта на објавувањето на подготвеноста за кризи е да се избегне влошување на состојбата со снабдувањето, апелирајќи до граѓаните и компаниите да бидат подготвени за „сите сценарија“.