Германија: Околу 250.000 работни места зависат од извозот во Русија

Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) смета дека извозот ќе биде намален поради руската инвазија на Украина, а западните санкции против Москва ги оптоваруваат и германските компании.

Околу 250.000 работни места директно зависат од извозот во Русија, кој минатата година изнесуваше 26,6 милијарди евра, пишува Дојче веле.

Претходните проценки за раст на извозот од шест отсто повеќе не се одржливи, вели шефот на ДИХК за надворешна трговија, Волкер Трајер, без да даде нови прогнози.

Проблеми со снабдувањето имаше и пред избувнувањето на војната во Украина, а сега ситуацијата дополнително се влошува.

Според Трајер, околу 40.000 германски компании имаат деловни врски со Русија, од кои 3.650 се активни во Русија. Преполните книги за нарачки, објаснува Трајер, нема да бидат корисни доколку наскоро не се решат проблемите во синџирот на снабдување.

Покрај директните последици од санкциите, има и индиректни последици поради војната во Украина.

Настаните од војната го забавија и производството на возила во Германија, поради недостаток на делови.

Може да се очекуваат дополнителни одложувања во испораките, вели Александар Маркус, претседател на германско-украинската комора за индустрија и трговија.

Покрај тоа, според ДИХК, трговските бариери што се појавија за време на  пандемијата со коронавирус остануваат.