Германија отвора регионално економско претставништво во Скопје

20

Регионално претставништво на германската економија ќе биде отворено во Скопје следниот месец, најави Холге Толксдорф, шеф на директоратот за ЕУ и проширување, Југоисточна Европа и Турција во сојузното Министерство за економија на Германија, јавува Миа.

“Во изминатите години се продлабочуваше соработката на германските и македонските компании, а во октомври заедно со германско – македонската стопанска комора во Скопје ќе отвориме регионално претставништво на германската економија. Од Скопје ќе бидат опслужувани и германските компании во Тирана и во Приштина на кои ќе им се нудат услуги за полесен влез на тој пазар“, изјави Толксдорф во обраќањето на приемот во Берлин по повод 25-годишнината од независноста на Македонија.

Трговската размена меѓу Македонија и Германија, која е најголем надворешен трговски партнер, првпат оваа година ќе ја надмине сумата од три милијарди евра.

На приемот во организација на Македонската амбасада во Берлин присуствуваа над 200 гости од германскиот политички, дипломатски, бизнис и културен живот, како и членови на македонската заедница во Сојузна Република Германија.