Германија зема историски заем од 200 милијарди евра за финансирање на војската

164

Германија ќе земе заем од најмалку 200 милијарди евра за да формира фонд за финансирање на војската и справување со економските последици од војната во Украина, пишува „Блумберг“.

Заемот ќе биде додаден на веќе планираниот долг за заштита на климата и други иницијативи.

Обемот на нови германски заеми е најголем од Втората светска војна и треба да обезбеди дека германската влада може да се справи со финансиските кризи по настаните како што се пандемијата и руската војна во Украина.

Заемот, исто така, има за цел да го олесни товарот на потрошувачите во најголемата европска економија како резултат на растот на цените на енергијата и зголемената инфлација во земјата.

Потсетуваме дека во својот говор пред парламентот во февруари, канцеларот Олаф Шолц изненадувачки најави дека земјата ќе одвои 100 милијарди евра за зајакнување на воените капацитети на Германија. По години ограничени инвестиции во безбедноста, земјата очигледно се стреми да ја исполни, па дури и да ја надмине целта за воени трошоци на НАТО од 2 отсто од нејзиниот бруто домашен производ секоја година, велат експертите.

Сегашниот заем обезбедува околу 15 милијарди евра за купување на 50 нови борбени авиони. 20 милијарди евра ќе бидат наменети за муниција и воена опрема, 5 милијарди евра за нови товарни хеликоптери и 4 милијарди евра за оклопни транспортери.