Германската автомобилска индустрија го губи чекорот со конкуренцијата

Германија е во опасност да го загуби статусот на велесила во автомобилската индустрија, предупреди претседателката на Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА) Хилдегард Мулер пред саемот IAA Mobility.

Германските производители можеби ќе можат да опстанат без реформи, но Германија ќе го загуби статусот на автомобилски центар, изјави шефот на здружението за ДПА.

Според Мулер, клучните проблеми се прекумерната регулација, бавните политички одлуки и отсуството на правна рамка за прашања како што е вештачката интелигенција.

На прво место, сепак, е структурата на трошоците, вели таа, поради што меѓународната конкурентност на Германија „драматично“ слабее. Конкретно, трошоците за енергија се значително повисоки во Германија отколку кај другите големи производители на автомобили, прецизира Мулер.

Автомобилската индустрија бара државата привремено да ја субвенционира цената на струјата за да се спречи заминувањето на производителите на батерии и полупроводници од Германија, односно да се привлечат странски компании во најголемата европска економија.

Минатата недела Владата најави даночни олеснувања за фирмите во износ од 32 милијарди евра во следните четири години, но субвенциите за струја сè уште се предмет на расправа.

Во вторник, канцеларот Олаф Шолц ќе го отвори саемот IAA Mobility, кој ги обединува производителите на автомобили, добавувачите, технолошките компании, но и политичарите, забележува dpa.