
Минатата година, и покрај американските царини, германската електронска индустрија забележа рекорден извоз, додека машинската индустрија не успеа да го надмине трговскиот спор со Соединетите Американски Држави и забележа пад на извозот трета година по ред.
Според податоците од секторското здружение ZVEI, извозот на електроника и електрични уреди се зголемил за 5,1 процент во споредба со 2024 година, достигнувајќи 257,5 милијарди евра, објавува агенцијата DPA.
Во исто време, увозот исто така се зголемил, за рекордни осум проценти, на 274,9 милијарди евра.
„Извозот се зголемил кај речиси сите 20 најголеми увозници на електроника во Германија“, рече главниот економист на ZVEI, Андреас Гонтерман. „Донекаде е иронично што двата најголеми увозници – САД и Кина – се исклучок.“
Иако извозот во САД се намали за три проценти, на 24,1 милијарди евра, американскиот пазар го престигна кинескиот пазар за прв пат по десет години и стана најголем увозник на германска електроника. Извозот во Кина се намали за 6,2 проценти, на 23,5 милијарди евра.
Останатите земји меѓу десетте најголеми увозници на германска електроника се наоѓаат во Европа.
Кога станува збор за машинската индустрија, извозот во 2025 година беше послаб за 1,8 проценти во споредба со претходната година, објави здружението VDMA. Кога ќе се земе предвид инфлацијата, реалниот пад е 3,3 проценти.
Вкупниот извоз на машини и машинска опрема вредеше 195 милијарди евра.
„Царините на САД, растечкиот протекционизам и придружната неизвесност на глобалните пазари силно ја погодуваат извозно ориентираната машинска индустрија“, рече главниот економист на VDMA, Јоханес Гернандт.
Извозот на два клучни пазари – САД и Кина – се намали за осум и 8,2 проценти, соодветно.











