Германски научници бараат 4.000 доброволци за корона експеримент на концерт

72

Германските научници бараат 4.000 волонтери да присуствуваат на концерт и да помогнат во проценката на ризикот од пренесување на коронавирусот на големи настани. Учесниците претходно ќе мора да се тестираат за вирусот и да бидат негативни на Ковид-19.

Додека Германија работи на тоа љубителите на спотот повторно да се вратат на трибините, тим научници организираат експеримент во кој илјадници доброволци би присуствувале на поп концерт, пишува Deutsche Welle.

Научниците се надеваат дека ќе регрутираат 4.000 учесници кои на 22 август би се собрале во арената во Лајпциг. Доброволците на возраст од 18 до 50 години, претходно ќе бидат тестирани на коронавирус, а учество ќе им биде дозволено само на оние чиј резултат е негативен.

На учесниците ќе им бидат дадени маски со FFP2 филтер за да ја намалат опасноста од инфекција. Исто така, ќе им дадат флуоресцентно средство за дезинфекција кое на научниците ќе им овозможи да видат кои површини најчесто ги допира публиката. Најбитно од сè e што волонтерите ќе носат уред којшто ќе ги следи нивните движења и растојанието еден од друг. Според научниците, најтешко ќе биде проценката на податоците затоа што ќе мора да се мерат контактите со сите други учесници во радиус од 30 метри на секои пет секунди во текот на целиот ден, посочи шефот на проектот Стефан Мориц.

Организаторите планираат да постават три сценарија. Првото каде што никој не е на безбедно растојание, второто каде што се користат средствата за хигиена, а последното каде што волонтерите се на растојание од 1,5 метри.

Проектот би требало да помогне за идентификување на условите под кои уметниците и спортистите би можеле да настапуваат од 30 септември, од кога манифестациите со голем број на луѓе би требало да бидат повторно дозволени во Германија, наведуваат научниците на својата веб страна.

Научниците се надеваат дека оваа студија ќе им помогне да смислат математички модел за избегнување на масовно ширење на зарази на настани со многу учесници.

Фото: Freepik