Германски старт – ап којшто прави летечко такси влезе во клубот на еднорози

125

Германскиот старт – ап Lilium во 2015 година започна на необичен потфат – производство на летачки такси. Пет години подоцна, по приливот од 35 милиони долари, тој се приклучи на клубот на еднорози, односно стартапи кои “тежат“ повеќе од милијарда долари.

Сума од 35 милиони долари беше инвестирана од фондот за инвестиции Baillie Gifford & Co, еден од најголемите инвеститори во компанијата Тesla.

Lilium планира да произведе мали електрични летала што ќе полетуваат и ќе слетуваат како хеликоптери, што е идеално за пренатрупаните градови каде сообраќајниот метеж е редовна појава. Погонот ќе го обезбедат 36 електрични мотори лоцирани во крилјата. Идејата е да ги направат достапни за секого, а не само “играчки за богатите“.

Првата фаза на тестирање на прототипот на овој авион беше завршена во октомври. Инженерите од Lilium тврдат дека летачките такси возила ќе можат да покриваат 300 километри со едно полнење.

Возењето од Менхетен до аеродромот Џон Ф. Кенеди ќе трае шест минути и ќе чини 70 долари. За споредба, со обично патничко такси  возењето обично трае помеѓу 45 минути и еден час и чини 52 долари, но за време на сообраќајниот метеж треба да се додадат уште 4,5 долари на таа сума. Затоа, многу граѓани со нетрпение ги очекуваат ваквите производи на пазарот. Од Lilium велат дека летачките такси возила би можеле да започнат со работа во 2025 година.

Фото: Lilium