Германскиот буџетски дефицит во 2020 година е најголем во последните 30 години

28

Буџетскиот дефицит на Германија во пандемиската 2020 година достигна 189,2 милијарди евра и е најголем од обединувањето на Германија, а одговара на 5,7 % од бруто домашниот производ, покажуваат податоците што ги објави заводот за статистика.

Пандемијата однесе повеќе од 77.000 животи во Германија и ја уништи најголемата европска економија, која се покажа поотпорна од очекуваното, делумно е благодарение на континуираната силна побарувачка од Кина, пренесуваат светските агенции.

Државните трошоци минатата година се зголемија за 12,1 %, на 1.700 милијарди евра, бидејќи државата презеде драстични мерки за ублажување на последиците од повеќемесечното затворање на економијата.

Приходите од данокот паднале 3,5 %, на 1.500 милијарди евра, според германскиот завод за статистика.

Пресметките покажуваат дека буџетскиот дефицит во 2020 година изнесува 189,2 милијарди евра, што, според Дестатис, одговара на 5,7 % од БДП. Кон крајот на февруари, заводот за статистика го процени дефицитот на 139,6 милијарди евра, што е еднакво на 4,2 % од БДП.

Државата ќе продолжи да троши многу, а германскиот министер за финансии Олаф Шолц минатиот месец вети дека ќе стори сé што е потребно за економијата да излезе од кризата предизвикана од коронавирусот.

Институтот за економски истражувања IFO  соопшти бројот на луѓе со скратено работно време сепак се смалил во март, благодарение на индустријата поддржана од силен извоз.

Во март, во државната програма за субвенционирање на плати за скратено работно време имало 2,7 милиони работници, 200.000 помалку отколку во февруари, проценува Ифо.

На почетокот на пандемијата, германската Влада субвенционираше плати на рекордни шест милиони работници преку програма за зачувување на работните места.

Фото: Pixabay