Ги заоструваат ли банките условите за одобрување корпоративни кредити?

62

Во првиот квартал на 2021 година, одговорите на банките укажуваат на натамошно нето-заострување на условите за одобрување корпоративни кредити, но посилно во споредба со претходната анкета, покажува Анкетата за кредитна активност на Народна банка.

Сепак, и понатаму најголемиот процент од банките (околу 78%) укажуваат на непроменети кредитни услови. Нето-заострувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во првиот квартал од годината не е во согласност со очекувањата на банките за умерено нето-олеснување дадени во претходната анкета за истиот квартал. За вториот квартал од 2021 година, банките упатуваат на натамошно, мало нето-заострување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити.

Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на претпријатијата, во првиот квартал на годината банките по подолг период (од 2013 година) укажаа на мало нето-заострување кај каматната стапка на кредитите. Кај барањата за обезбедување и некаматните приходи, банките и понатаму укажуваат на нето-заострување, но посилно кај вториот услов. Големината на заемот и достасувањата на заемите се оценети главно како непроменети кредитни услови од страна на банките.

Во поглед на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, во рамките на групата “трошоци на финансиските средства и ограничувања на билансот на состојба“, сите фактори и понатаму придонесуваат кон нето-олеснување на кредитните услови, но посилно во однос на претходната анкета. Исто така, кај групата “притисоци од конкуренцијата“, сите фактори и натаму придонесуваат кон нетоолеснување на кредитните услови, но посилно кај факторите конкуренција од небанкарскиот сектор и конкуренција од пазарно финансирање. И во оваа анкета се забележува зголемување на согледувањето на ризикот кај банките, при што факторите од групата “согледување на ризикот“ и понатаму придонесуваат кон нето-заострување на кредитните услови, но посилно кај факторот “очекувања за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието“.

Од аспект на влијанието на монетарната политика врз условите за кредитирање на корпоративниот сектор во првиот квартал од годината, во оваа анкета околу 80% од банките укажуваат дека промените на монетарната политика влијаеле незначително врз нивната каматна политика кај корпоративните кредити (30,3% во претходната анкета). Процентот на банките коишто укажуваат дека промените во монетарната политика не влијаеле врз нивната каматна политика се намали во однос на претходната анкета, од 37,6% на 1,6%. Околу 18% од банките укажуваат дека промените во монетарната политика делумно влијаат врз нивната каматна политика (32% од банките во претходната анкета).

Во првиот квартал на 2021 година, банките укажуваат на натамошно нето намалување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, но посилно во споредба со претходната анкета. Слично како и во претходната анкета, околу 36% од банките укажуваат на намалување на вкупната кредитна побарувачка. Истовремено, само 0,7% од банките укажуваат дека побарувачката за корпоративни кредити е делумно зголемена, наспроти 17% од банките во претходната анкета. Нето-намалувањето на побарувачката во првиот квартал е во рамките на очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За второто тримесечје на 2021 година, банките очекуваат нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата.

Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, во рамките на групата фактори “потреби од финансирање“, факторот “инвестиции во основни средства“ и понатаму придонесува кон нето-намалување на побарувачката на кредити, но послабо во споредба со претходниот квартал. Факторите инвестиции во залихи и обртен капитал, како и преструктурирање на долгот придонесуваат кон нето-зголемување на побарувачката, но посилно кај првиот фактор. Во рамките на факторите од групата “употреба на алтернативно финансирање“, факторите “интерно финансирање“ и “заеми од останати банки“ и понатаму придонесуваат кон нето зголемување на побарувачката на кредити.

Фото: Pixabay