Глобален инвестициски самит за Македонија 2012

24

“Учеството на Глобалниот инвестициски самит за Македонија организиран од Македонија 2025 е одлична можност да се сумираат сите досегашни успеси, како и да се искористи претприемачкиот дух на македонската дијаспора кој го видов и искусив дома во Торонто и Виндзор, но и преку проектите овде во Скопје и пошироко“, вели Амбасадорот на Канада за Република Македонија, Н.Е. Роман Вашчук, претставник на една од најголемите и најактивните македонски заедници во светот.

Самитот доби широка владина и институционална поддршка. Во соработка со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони на чело со г. Виктор Мизо, на самитот се поканети да говорат постоечки странски инвеститори кои ќе го споделат своето досегашно искуство и бизнис резултати.

“Успешно реализираните инвестиции и позитивното искуство на странските компании кои веќе инвестирале во Македонија, а особено случаите кога истите компании реинвестираат во земјава се најдобар показател за поволноста на бизнис климата, условите за работа и потенцијалите во Македонија“, изјави г. Мизо. Според него Инвестицискиот самит во Охрид ќе биде одлична можност за презентација на овие позитивни искуства на странските инвеститори и воопшто, на можностите за создавање профит во Македонија пред претставниците на македонската дијаспора.

“Во дијаспората имаме голем број успешни Македонци кои високо котираат во глобалната бизнис заедница и евентуалната идна соработка со нив за нас ќе претставува особена чест и задоволство“, дополнува тој.

Еден од панелистите на Глобалниот Инвестициски Самит, во улога на претставник на странските инвеститори, г. Џатин Такрар, генерален директор на Џонсон Мети за Македонија, вели: „Очекувам дека Самитот ќе биде место каде панелистите ќе ги споделат своите позитивни искуства, како и некои од предизвиците кои треба да се надминат во однос на водењето бизнис во Македонија. Досегашното искуство на Џонсон Мети од Македонија е позитивно, но секако дека постојат области каде би можело да има подобрувања. Многу сме задоволни од локалната работна сила, која иако со мало искуство, брзо се прилагоди на нашите потреби и покажа континуирана посветеност и ангажираност во работата“.

Покрај Џонсон Мети, на Самитот ќе учествуваат врвни менаџери на други странски инвеститори како Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Триглав Осигурување, Ван Хол, итн.

Од особена важност е и присуството на претставниците на интернационални финансиски институции. Свои обраќања ќе имаат г-дин Зоран Мартиновски, менаџер на македонската канцеларија на Меѓународната Финансиска Корпорација, г-ѓа Елена Урумовска, шеф на канцеларијата на Европската Банка за Обнова и Развој и г-дин Александар Тиман – Резидентен претставник на ММФ во Македонија.

На Самитот ќе земат учество странски компании од различни земји кои се заинтересирани за инвестирање во различни области.Најавено е учеството на делегација од повеќе компании од скандинавските земји на чело со македонскиот Амбасадор за Шведска и Финска господинот Кире Илиоски. Тие се заинтересирани за инвестиции во секторот за обновливи извори на енергија, системи за складирање на енергија и развој на зелена технологија. Интерес за присуство на Самитот покажаа и повеќе земји од Европа и регионот, кои се заинтересирани за соработка во земјоделството, текстилната индустрија, градежништвото, како и метална и петрохемиската индустрија. Американски и австралиски компании пак се заинтересирани за склучување партнерства во индустријата за обработка и дистрибуција на месо и сувомеснати производи, пакување на свежа и замрзната храна за широка потрошувачка и извоз на македонски алкохолни пијалаци и храна. Од големо значење е и присуството на успешна канадска компанија која работи на големи инфраструктурни проекти во повеќе од 100 земји и е заинтересирана за можности за соработка во енергетика, инфраструктура и градежништво. Учество ќе земе и венчр капитал компанија од САД која е идеален инвестициски партнер во претприемнички бизниси.

Kомпаниите кои ќе го регистрираат своето учество најдоцна до 1-ви октомври, со доставување на својот профил и лого, ќе бидат вклучени во официјалниот каталог на учесници кој ќе биде доставен до сите странски и домашни учесници.

Повеќе информации за настанот и онлајн регистрација се достапни на www.MGISummit.org. Исто така можете да не контактирате на 003892 3218.361 или на summit@macedonia2025.com