Глобалните цени на храната благо паднаа во мај

24

Светските цени на храната благо паднаа во мај втор месец по ред, иако цените на пченицата и живината пораснаа, соопшти денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната пресметан од ФАО во мај во просек изнесувал 157,4 поени, што е за 0,6 отсто помалку од април, се наведува во извештајот објавен на веб-страницата на оваа агенција на ОН со седиште во Рим.

Овој индекс, кој ги следи месечните промени на меѓународните цени во кошничката на прехранбени производи со кои вообичаено се тргува, сè уште е за 22,8 отсто повисок од мај 2021 година.

Цените на житарките во мај поскапеа за 2,2 отсто во однос на претходниот месец, при што пченицата е за 5,6 отсто поскапа од април и за дури 56,2 отсто од мај 2021 година.

Меѓународните цени на пченицата, кои во просек беа само 11 отсто под рекордното високо ниво во март 2008 година, се зголемија во мај поради забраната за извоз на Индија и загриженоста за условите на културите во неколку водечки земји извозници, како и намаленото производство во Украина поради војната.

Глобалните цени на оризот исто така пораснаа ширум пазарот, додека цените на другите житарки паднаа во просек за 2,1 отсто, при што пченката уште повеќе падна поради подобрите приноси во САД, сезонските испораки во Аргентина и претстојниот почеток на главната жетва на пченка во Бразил.

Цените на растителните масла на светските берзи минатиот месец во однос на април паднаа за 3,5 отсто, но сепак се значително над ланските нивоа. Според извештајот на ФАО, цените на палминото, сончогледовото, соиното и маслото од репка паднале, делумно поради укинувањето на краткорочната забрана за извоз на палмино масло од Индонезија и намалената глобална увозна побарувачка за соино и масло од репка.

За 3,5 отсто на месечно ниво во мај поевтинија и млекото и млечните производи. Глобалните цени на млекото во прав паднаа најмногу, што се поврзува со несигурноста на пазарот во однос на побарувачката на Кина поради континуираните ковид-затворања во земјата, додека растот на малопродажбата и високата побарувачка од рестораните на северната хемисфера го спречија остриот пад на цените на сирењето и покрај слабеењето на глобалната побарувачка за увоз. Цените на путерот паднаа исто така поради намалената побарувачка за увоз.

Светските цени на пченицата се намалија за 1,1 отсто во однос на април, бидејќи извонредните приноси на Индија ги зголемија глобалните изгледи за храната. Слабеењето на бразилскиот реал во однос на американскиот долар, заедно со пониските цени на етанолот, исто така ги намалија цените на шеќерот.

Спротивно на тоа, глобалните цени на месото достигнаа нов историски максимум со раст од 0,6 отсто во мај, иако цените на говедското месо останаа стабилни, додека цените на свинското месо паднаа. Вкупниот пораст на меѓународните цени на месото беше под влијание на остриот скок на цените на месото од живина, поради континуираните нарушувања во синџирот на снабдување во Украина и неодамнешните случаи на птичји грип, што ја зголеми побарувачката во Европа и на Блискиот Исток.

Во посебен извештај, ФАО ги претстави раните проценки за изгледите за глобалното производство на жито во 2022 година, што укажува на веројатен пад, прв по четири години, на 2.784 милиони тони, што е за 16 милиони тони помалку од проценетото рекордно производство во 2021 година.

Најголем пад на производството е проектиран за пченката, потоа за пченицата и оризот, додека производството на јачмен и сорго најверојатно ќе се зголеми. Прогнозите се базираат на состојбата на посевите кои се веќе на нивите и плановите за земјоделските култури кои допрва треба да се посеат.

Исто така, се предвидува дека светската потрошувачка на житни култури благо ќе опадне во 2022/23 година, за околу 0,1 отсто во однос на претходната земјоделска година, на 2,788 милиони тони, што е прво намалување во последните 20 години.