Глобалните директни странски инвестиции “потонаа” за 18%

17

pariГлобалните директни странски инвестиции минатата година потонаа за 18%, спуштајќи се под нивото од периодот пред економската криза, поради економската слабост и политичката неизвесност, стои во извештајот што вчера го објави Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD).

Минатата година директните странски инвестиции ширум светот достигнале вкупна вредност од 1.350 милијарди долари, стои во извештајот.

Лани за прв пат земјите во развој привлекле повеќе директни странски инвестиции отколку развиените земји, односно 52% од вкупната вредност. Транзициските економии лани забележале вкупно 87 милијарди долари директни странски инвестиции, што е 9% помалку отколку во претходната година. Притоа инвестициите во земјите во југоисточна Европа се скоро преполовени, од 7,2 на 4,2 милијарди долари.

Оваа година не се очекува значително опоравување, а следните години може дојде до подобрување ако се одобрат макроекономските услови, ако се обнови довербата на инвеститорите, па транснационалните корпорации да одлучат рекордните готовински износи со кои располагаат да ги насочат во нови инвестиции.

Како фактори кои би можеле повторно да ги потиснат инвестициите во следните години, во извештајот се наведени структурните слабости во глобалниот финансиски систем, можно влошување на макроекономското опкружување и значајна политичка неизвесност во подрачја клучни за довербата на инвеститорите.