Го бришат помфритот од менито: „Нема масло, а и скапо е“

144

Поради украинската криза, граѓаните во Германија ги празнат рафтовите со сончогледово масло во продавниците, а угостители го исфрлаат помфритот од менито, поради недостиг на масло и високите цени.

Бидејќи Украина е значаен производител на сончогледово масло и масло од репка, земја од која Германија ги увезува овие производи, граѓаните сега стравуваат дека наскоро ќе мора да се откажат од помфрит.

Така еден угостител од Дармштад го исфрлил помфритот од менито. Тој за Билд изјави дека има проблем со маслото и дека „сончогледовото масло стана многу скапо“.

Масло од репка чини и до четири евра за литар, што е прескапо за угостителите, па би морале да го поскапат помфритот. Инаку, во германските супермаркети цената на маслото скокна за 29 отсто.

Австрија нема проблеми со снабдувањето со масло во продавниците. Нуди маслодајна репка и сончогледово масло од домашно производство, но угостителите користеле многу поевтино украинско масло, кое сега го заменува она од домашно производство.

Австриските власти посочуваат дека снабдувањето со масло е „обезбедено и дека граѓаните не мора да прават залихи“.