Годишен форум на „Виенската иницијатива”: Зачувување на ценовната и финансиската стабилност, за да се зачува довербата на јавноста

44

„Инфлацискиот раст ќе забави годинава, како во развиените, така и во економиите во развој, како резултат на стабилизирањето на цените на суровините, намалувањето на притисоците на страната на понудата и одлучната реакција на монетарните власти. Знаците на забавување се веќе видливи, сепак е рано да се прогласи победа над инфлацијата. Клучно е да се зачува стабилноста на цените, како и финансиската стабилност, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува довербата на јавноста. Истовремено, финансиските системи треба да се приспособат кон преминувањето кон зелена и дигитална иднина.” Ова беше порачано во воведните обраќања и на првата панел-сесија од Годишниот форум на „Виенската иницијатива”, еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, којшто годинава се одржува во Скопје и чиј домаќин е Народната банка.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во поздравното обраќање посочи на значајната улога на банкарскиот систем за поддршка на структурните реформи. „Одржувањето на стабилноста и на добрата состојба на банкарскиот сектор е важно и за финансирање на потребните структурни реформи во регионот на ЦЈЕ. Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а  одржувањето на финансиската стабилност и на финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Во исто време, со натамошните климатски промени и технолошките иновации, се поттикнува промената на нашите општества и преминувањето кон позелена и дигитална иднина. Банките можат да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција”, истакна гувернерката.

Таа истакна и дека во услови на постојана криза, важна улога има и макропрудентната политика којашто придонесува за отпорноста на банкарскиот систем, а се зголемува и просторот за реакција на монетарната политика. За таа цел, голем дел од централните банки во регионот, вклучително и нашата, по пандемијата донесоа макропрудентни мерки како што се противцикличниот заштитен слој на капиталот и/или заштитниот слој за системските ризици.

Гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, во своето воведно обраќање посочи дека малите и отворени економии во Централна, Источна и Југоисточна Европа во последниот период се погодени од серија невидени надворешни шокови. Ценовните шокови и глобалната неизвесност претставуваат огромен предизвик не само за монетарната политика, којашто има јасен мандат за одржување стабилност на цените, туку и за носителите на фискалната политика.

„Од Глобалната финансиска криза па наваму, олеснувањето на дијалогот меѓу релевантните чинители во финансискиот сектор не било од толку голема важност колку што е сега. Така, во ова време на предизвици, станува уште поважна улогата на Виенската иницијатива, како единствена платформа на јавниот и приватниот сектор којашто ги обединува најважните меѓународни и европски финансиски институции, големите банкарски групации коишто работат во странство, како и домашните власти и властите во земјата домаќин. На Годишниот форум ќе се разговара за претстојните предизвици во банкарскиот сектор, за неопходните трансформации на нашите финансиски системи, бидејќи властите и инвеститорите ги притискаат банкарските групи да го забрзаат преминувањето кон позелена иднина, за развојот на финансиските услуги и за тоа како ефикасно да се балансираат придобивките од дигитализацијата“, рече Вујчиќ.

На првата панел-сесија, под наслов „Монетарната и фискалната политика во светот на висока инфлација”, покрај Ангеловска-Бежоска и Вујчиќ, учествуваа и гувернерот на Народната банка на Словачка, Петер Кажимир, гувернерот на Централната банка на Црна Гора, Радоје Жугиќ, министерот за финансии, Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова.

Гувернерот на Народната банка на Словачка, Кажимир, истакна дека се очекува дека инфлацијата во еврозоната ќе биде висока подолго време.

„Не можеме, а и нема да стоиме на страна. Решени сме да ја сведеме инфлацијата до нашата цел и ќе го сториме тоа. Затегнувањето на монетарната политика почна да дава резултати, а повисоките каматни стапки ја постигнуваат целта. Сепак, нашата борба со инфлацијата не е завршена. Ризиците не исчезнаа, напротив, упорно опстојуваат. Значи, сè уште имаме доста работа на терен, но убеден сум дека ги имаме сите алатки на располагање за да стигнеме до нашата крајна, посакувана цел”, посочи Кажимир.

Гувернерот на централната банка на Црна Гора, Жугиќ, се осврна на својата земја, каде што, како што истакна, еден од клучните внатрешни фактори што влијаат врз инфлацијата се неодамнешните зголемувања на платите, коишто не биле придружени со раст на продуктивноста или создавање нова вредност.

„Тие го подигнаа нивото на побарувачката, не само на производите и услугите, туку и на кредитите, a може да се каже и дека на краток рок ја зголемија даночната основа. Сепак, на среден рок, ова ќе прерасне во голем фискален проблем бидејќи буџетскиот дефицит ќе се зголеми, а ќе се зголемат и трошоците за негово финансирање. Во овој контекст, сите дополнителни најави за зголемување на платите би претставувале голем предизвик”, дополни Жугиќ.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека нашата земја како мала и отворена економија е чувствителна на надворешните шокови и тие брзо се прелеваат.

„Затоа Владата во координација со централната банка навремено презема мерки за намалување на инфлациските притисоци и преку постепена фискална консолидација ја одржуваме макроекономската и фискалната стабилност. Владата презеде мерки за поддршка на граѓаните и компаниите за намалување на ценовните притисоци. Така, во првите два месеца од 2023 година имаме забавување на стапката на инфлација (во јануари 17,1 %, во февруари 16,7 %). Забавување бележат цените на енергијата, но цените на храната не го следат трендот на опаѓање на глобално ниво. Затоа и се презедоа дополнителни мерки што веќе се применуваат со замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи. Очекуваме дека преземените мерки ќе придонесат за стабилизирање на инфлацијата”, рече министерот Бесими. Потпретседателката на ЕИБ, Павлова, порача дека одржливото инвестициско трошење и натаму ќе биде клучниот двигател на растот во Европа, и од јавните, и од приватните субјекти.

„Групацијата ЕИБ покажа дека им е доверлив партнер и на двата сектора. Сметаме дека одржливите инфраструктурни проекти не треба да се одложуваат, бидејќи тие овозможуваат активности во синџирот што инаку не би биле возможни. Затоа, инвестициите мора да бидат сконцентрирани на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, иновациите, дигиталните и одржливите инфраструктури, во согласност со приоритетите на секоја земја во која работиме”, истакнува Павлова.

„Виенската иницијатива” е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година. На Годишниот форум во Скопје учествуваат гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.