
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека ЕУ ќе воспостави гаранција од 200 милиони евра за поддршка на инвестиции во напредна нуклеарна технологија, а средствата за ова ќе бидат обезбедени од системот за тргување со емисии на CO2.
„Мора да го мобилизираме Западот. И денес можам да објавам дека ќе создадеме гаранција од 200 милиони евра за поддршка на инвестициите во напредна нуклеарна технологија, а ресурсите ќе доаѓаат од нашиот систем за тргување со емисии. Не само што ќе го намалиме ризикот од инвестиции во овие технологии со ниска емисија на јаглерод, туку сакаме да дадеме јасен сигнал и до другите инвеститори да се приклучат“, рече Фон дер Лајен на отворањето на вториот нуклеарен самит во Париз, кој го отвори францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон рече дека цивилната нуклеарна енергија помага да се обезбеди енергетски суверенитет.
„Нуклеарната енергија е клучна за усогласување на независноста, односно енергетскиот суверенитет, со декарбонизацијата и постигнувањето климатска неутралност“, рече Макрон.
„Ова го гледаме и во сегашниот геополитички контекст: кога сме премногу зависни од јаглеводороди, тие можат да станат средство за притисок или дури и дестабилизација“, додаде тој.
Според шефицата на ЕК, како што нагласи таа, ова е еден конкретен чекор и е дел од поширок напор за подобрување на условите за инвестирање во европскиот нуклеарен сектор.











