Големите американски банки ќе плаќаат милијарди долари во фонд за осигурување на депозити

56

Големите американски банки треба да го сносат најголемиот дел од товарот за пополнување на фондот за осигурување на депозити, откако ќе платат 16 милијарди долари на клиентите на пропаднатата Silicon Valley Bank и Signature Bank, објави државната агенција FDIC.
Агенцијата за осигурување на депозити предложи да се наплаќа специјален надомест од 0,125 отсто за неосигурените депозити на заемодавачите чии средства надминуваат 5 милијарди долари, врз основа на износот на неосигурените депозити на крајот на 2022 година.

Надоместокот теоретски треба да го платат банките, но во пракса повеќе од 95 отсто од трошоците за полнење на фондот ќе ги сносат кредиторите со имот поголем од 50 милијарди долари, објави агенцијата. Банките со средства помали од пет милијарди долари би биле поштедени од таа обврска.

Се проценува дека таксата ќе треба да ја платат околу 113 банки.

Надоместокот ќе се плаќа за осум квартали или две години, почнувајќи од јуни 2024 година, но ќе се прилагоди во согласност со ревидираните проценки за загубите на фондот за осигурување на депозити.

Се очекува JPMorgan Chase да плати годишен надомест од 1,3 милијарди долари, Bank of America 1,1 милијарди долари, а Wells Fargo 898 милиони долари. Ниту една од трите банки не сакаше да ја коментира таа оценка.

Банките го финансираат фондот со редовни квартални провизии, но FDIC нагласи дека мора да воведе друга, годишна провизија, со цел да ги покрие значителните трошоци од колапсот на SVB и Signature Bank.