Google уште во октомври објави ревидирани правила за своите реклами и монетизација, кои забранија прикажување реклами со содржина што ги негира климатските промени. Многу корисници тогаш ја поздравија промената, но според извештајот на непрофитниот Центар за сузбивање на дигиталната омраза (CCDH), компанијата не успева да ги почитува своите нови правила.
Имено, истражувањето на CCDH идентификуваше 50 написи кои вклучуваат лаги за климатските промени, кои сепак содржеа реклами на Google по 9 ноември, датумот кога треба да стапат на сила ревидираните правила на компанијата.
„Google се чини дека препозна во својата воведна изјава дека имаа улога да го направат негирањето на климатските промени профитабилен бизнис, а сепак не ги следеа сопствените правила“, рече Имран Ахмед, извршен директор на CCDH.
Менаџерот за комуникации и односи со јавноста на Google, Мајкл Ациман, ги отфрли обвинувањата за „The Verge“, велејќи дека компанијата прегледувала страници кои шират лаги за климатските промени, а потоа преземала соодветни мерки според новите правила.
Сепак, на прв поглед во извештајот на CCDH, веднаш може да се насети дека некои портали вешто ги заобиколуваат новите правила на Google. Така, на пример, една статија во „Breitbart“ го нарекува глобалното затоплување измама, додека друга „The Western Journal“ лажно тврди дека на прашањата за климатските промени и причини зошто се појавуваат не може да се даде дефинитивен одговор.













