
Русија ќе го зголеми извозот на дизел гориво на светските пазари за 3,5 милиони тони до крајот на годината, објави вицепремиерот на Русија, Александар Новак.
„До крајот на годината планираме да ги достигнеме нивоата на кои претходно ги снабдувавме светските пазари, приближно 3,5 милиони тони месечно“, рече Новак на меѓународниот форум „Руска недела на енергија“, пренесува РИА Новости.
Како што оцени, Русија отсекогаш била сигурен снабдувач на енергетски ресурси за Западна Европа, а денес и за глобалните пазари, вклучително и Азија.
Според него, Русија е подготвена да учествува во балансирањето на енергетските пазари.
„Подготвени сме да ја задржиме нашата улога во обезбедувањето енергетска безбедност преку долгорочни партнерства“, рече тој.
Вицепремиерот на Русија истакна дека глобалната цена на нафтата и нафтените деривати речиси се дуплирала од почетокот на годината, а дека недостигот на дизел гориво се проценува на околу 25 проценти, што го припиша на структурната трансформација и последиците од ситуацијата во Ормутскиот теснец.
„Секоја земја се обидува да ги обезбеди своите енергетски ресурси, но само преку соработка може да се обезбеди глобална стабилност“, нагласи Новак.
Тој го нарече договорот за дизел гориво со САД прагматично решение од кое имаат корист сите учесници на пазарот.
Порано овој месец, претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, одржаа телефонски разговор, по што шефот на Белата куќа објави сеопфатен договор, според кој Москва ќе испорача до три милиони тони дизел гориво на американскиот и светскиот пазар, во зависност од состојбата на нејзините рафинерии за нафта.
За таа цел, Министерството за финансии на САД издаде ослободување од санкции, кое важи до 7 април.
После тоа, руската влада делумно ја укина забраната за извоз на ова гориво.












