Готвени јадења за носење – тренд што доживеа бум во пандемија

471

Веќе цела година пишуваме за тоа како пандемијата ни го промени начинот на живот, сега имаме поинакви навики за купување, патување, работа… Освен тоа што онлајн трговијата блесна во полн сјај, постојат и некои дејности што беа присутни, но во услови на криза доживеаја вистински бум.

Станува збор за готвените јадења за носење, коишто и угостителски објекти ги нудат од почетокот на пандемијата, бидејќи во неколку наврати имаа забрана да примаат гости, но и сега имаат ограничено работно време.

“Мојата компанија се занимава со нудење кетеринг услуги неколку години. Кога почна пандемијата, искрено се исплашив за егзистенцијата на бизнисот бидејќи немаше прослави, родендени, настани…, но решивме да понудиме храна за носење и бесплатна достава до врата, што даде резултат“, вели Љупчо К. сопственик на кетеринг служба.

Решил да осмисли понуда што ќе им ја достави на повеќе компании низ градот, во којашто вработените ќе можат за време на паузата да си порачаат подготвена храна и да ја добијат на своја адреса.

“Кога беше прогласен карантинот, се зголеми и интересот кај луѓето кои немаат доволно време за да зготват и почнаа да растат нарачките. Од постоечките 15 вработени, кога многумина се плашеа за своето работно место, ние вработивме уште седум луѓе за да може да се постигне сè, а ‘појачавме’ и со луѓе за достава“, вели тој.

Од свое искуство вели дека освен готови јадења за време на пауза за работа, многу луѓе си порачуваат и за дома. Така, вели тој, знаат дека ќе јадат вкусна, безбедна и домашна храна, а нема да трошат време за да зготват.

Најчесто на менито се бараат традиционални македонски јадења, тавче гравче, риба, ориз, месо, салати, но вели дека во време на пандемија луѓето сè повеќе бараат зеленчук и здрава храна.

Готвените јадења за носење веќе некое време ги има и во поголемите супермаркети, па граѓаните велат дека за 200 денари имаат готов оброк без да трошат време на пазарење и готвење.

“Ми се случува да немам време да зготвам, а бидејќи живеам сама, повеќе ми се исплаќа да појдам до супермаркет и да си купам зготвено или уште полесно да си порачам онлајн, одошто да пазарам и да го наполнам фрижидерот за да зготвам за еден човек. Вака за околу 200 денари имам комплетен оброк и салата“, вели Радица С. од Охрид која привремено живее и работи во Скопје.

Фото: Pexels