Граѓани бараат да се отвори рудникот Иловица – Штука

24

Граѓани од населени места од општините Босилово и Ново Село бараат да се отвори рудникот за бакар и злато Иловица – Штука на компанијата Еуромакс ресоурцес. Тие сметат дека се работи за голема инвестиција, која ќе овозможи нови вработувања и развој на овие општини и регионот, јавува Миа.

Според Митко Костадинов од село Штука, жители од неговото село и соседното Иловица работеле на подготвителни работи за отворање на рудникот од 2004 до 2016 година.

“До 2016 година таму работеа околу 40 лица. Тие што работеа таму добро заработуваа и едноставно напреднаа. Од пред три години повеќе не работат. Заради тоа, нашето село остана без народ и затоа барам да се отвори рудникот за да можеме да живееме. Имаме голема компанија која гарантира дека нема да има загадување и затоа апелирам до Владата да и даде дозвола на компанијата за да почне да се вработува народот“, вели Митко Костадинов.

За Јадранка Јанева од село Иловица важно е да се отвори рудникот за да се вработат младите.

“Кога ова инвестиција е дојдена да им овозможиме на младите да работат и да имаат иднина за да не заминуваат во странство.Јас досега живеам од земјоделство, ама никој не ни гарантира дека ќе го продадеме произведеното. Доколку не дозволат да се отвори рудникот, тогаш нека се затворат и факултетите за рударство и децата да не учат“, смета Јанева, чиј син има завршено рударски факултет.

Климент Младенов, инжeнер по билогија, смета дека студиите за заштита на животната средина на компанијата, која треба да го отвори рудникот, покажуваат дека рудникот нема да влијае на животната средина и дури ќе ги подобри условите и ќе ги заштитат водите и животинскиот свет.

“Мислам дека рудникот треба да почне со работа и да има вработување за да не си заминуваат младите оттука“, посочи Младенов.

И други граѓани побараа рудникот Иловица-Штука да се отвори и додаваат дека е голема пропаганда дека рудникот ќе загадува и прашаа како не е загадено во другите локации во државата каде има рудници.